Европското првенство наскоро ќе ги добие сите репрезентации кои ќе патуваат во Германија следната, 2024-та, година.

Во вчерашното коло репрезентацијата на Данска обезбеди пласман на ЕП со победа над Словенија од 2:1. Така Словенците во понеделник во меѓусебен дуел со Казахстан во последниот натпревар од групата „Х“ ќе решаваат за пласман на шампионатот.

Иако освои само бод на гостувањето во Молдавија (1:1), Албанија обезбеди пласман на ЕП.  Молдавија заедно со Чешка и Полска остануваат во трката за вториот „патник“ од „Е“ групата.

Италијанците славеа над нашата репрезентација со 5:2 и останаа во трката со Украина за втората позиција на табелата. Решавачкиот натпревар помеѓу овие две репрезентации ќе се игра во понеделник со почеток во 20:45 часот.

Денеска, Хрватите и гостуваат на Латвија, каде што ќе одат по три бодови, кои им се потребни за продолжување на борбата со Велс за втората позиција и пласманот на ЕУРО. Велс пак, гостува кај Ерменија во раниот дуел со почеток во 15 часот од претпоследното коло во „Д“ групата.

Во групата „Б“, по пласманот на Франција во борба останаа Холандија и Грција. Холанѓаните имаат натпревар помалку, а вечерва на домашен терен ја пречекуваат Ирска. Грција пак својот последен натпревар ќе го одигра во вторник против Франција.

Во најнеизвесната група „И“, на две кола до крајот има четири можни „патници“ за Германија,  кои ќе играат меѓусебно. Репрезентацијата на Швајцарија е домаќин на Косово, каде што „киксна“ во гости (2:2), а во вториот натпревар Израел ја пречекува Романија.

Standings provided by Sofascore
Standings provided by Sofascore
Standings provided by Sofascore