Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги продолжуваат настапите во Лигата на шампионите. Во рамките од 7.коло Пелистер го чека тешко гостување во Унгарија кај ПИК Сегед .

Битолчани по шест кола се без освоен бод, а првиот ќе сакаат да го освојат против тим кој досега оствари две победи и едно реми и има добри шанси да обезбеди пласман во нокаут-фазата во Лигата на шампионите.

Тренерот на македонскиот шампион, Бранимир Ангеловски, вели дека ракометарите се подготвени за првиот од двата меча со ПИК Сегед.

„Нашата екипа е конструирана за Лигата на шампионите и ни следи уште еден тежок натпревар. Се надевам дека со добра игра ќе дојде и тој посакуван резултат и таа победа во Лигата на шампионите.

Одработивме добро и спремни сме за двомечот со ПИК Сегед. Знаеме дека гостуваме на тежок терен и пред жешка атмосфера. Но, за тоа ќе добијат реванш во нашиот храм, пред нашите верни навивачи.

Не смееме да се предаваме, и против Киелце имавме слабо отворање, па се вративме. Имавме одлични натпревари и во Париз и во Загреб, но паѓавме во завршницата.

Посакуваме добра игра која ќе ни даде мотив во Битола да бидеме уште подобри и да извојуваме победа против истиот противник“,

изјави Бранислав Ангеловски, тренерот на Еурофарм Пелистер.

Утрешниот дуел меѓу ПИК Сегед и Еурофарм Пелистер ќе почне во терминот од 18.45 часот.