Сојузот на спортови на Скопје, по повод ослободувањето на градот, денеска ги додели признанијата 13 Ноември во областа на спортот.
На свеченоста што се одржа во СЦ Јане Сандански беа доделени 9 награди.
Наградата 13 Ноември – Спортист се додели на кик боксерот Бобан Илиоски. Тој освои злато на Европското првенство во Анталија. Илиоски е член на Кик бокс клубот Шампион од Скопје.
Наградата Тренер му припадна на Игор Паскоски од Џудо клуб Миоки кој е и селектор на сите репрезентации на Македонија.
Наградата за спортски презентер и новинар и беше доделена на Јана Серафимова Петровска од телевизија Телма. Петровска е автор на спортската емисија „Фер Плеј со Јана“.
Доделена беше и награда на Црвен Крст на Град Скопје за огромната поддршка и соработка во сите спортски настани во Скопје.
За спортски работник – судија наградата и беше доделена на Ивана Пројковска. Таа е меѓународна судијка во фудбал со 20 годишно искуство. Пројковска е дел од елитната група на судии од декември 2021 година и една од најдобрите 20 судијки во Европа.
Наградата спортски работник за животно дело, ја доби одбојкарот Владимир Богоевски. Својата кариера ја почнува во Студент, а потоа и во Вардар освојувајќи двојна шампионска титула во СФРЈ. Две децении, Богоевски е спортски директор во Македонскиот Олимписки Комитет.
За спортски работник, признанието го доби Зоран Карановиќ. Од 1991 година до денес, тој е Генерален секретар на Одбојкарската Федерација на Македонија.
Средното училиште „Никола Карев“ доби награда за освоени врвни резултати на Европските првенства за средни училишта. Оваа гимназија освои прво место во кошарка – мажи на европски првенства за средни училишта во изминатата сезона.
Јетон Муслиу од ООУ „25 Мај“ ја доби награда за професор за придонес и развој на училишниот спорт во Скопје.
Наградите 13 Ноември се доделуваат повеќе од 50 години по повод ослободување на градот Скопје.