Осминафиналната рунда од англискиот Карабао куп покрај Мидлзбро, Порт Вејл и Вест Хем ни донесе нови четвртфиналисти.
Ливерпул обезбеди пласман во четвртфиналето со победа над Борнмаут од 2:1 на гостински терен. Головите за Ливерпул ги постигнаа Коди Гакпо во 31-та и Дарвин Нунез во 70-тата минута, додека Џастин Клајверт го постигна единствениот погодок за Борнмаут.
Челзи рутински триумфираше на „Стемфорд Бриџ“ со 2:0 (Бенуа Бадиашил во 30-тата и Рахим Стерлинг во 59-тата минута) против второлигашот Блекбурн.
Фудбалерите на Евертон со 3:0 на домашен терен славеа против Барнли. Головите беа дело на Џејмс Тарковски, Амадоу Онана и ветеранот Ешли Јанг.
Фулам беше подобар на гостински терен од Ипсвич и со победа од 3:1 се пласираше во четвртфиналната рунда. Стрелци на головите за Фулам беа Хари Вилсон, Родриго Муниз и Том Керни, додека единствениот погодок за Ипсвич го постигна Елкан Багот.