Ракометарите на македонскиот првак Еурофарм Пелистер остварија победа на гостувањето во Автокоманда. Во дуел од 9.коло од Б групата од Супер лигата го совладаа Мулти Есенс со 36:26 (17:13).
Победата беше најавена во првиот дел, кога грешките на младите играчи на Мулти Есенс, гостите ги казнуваа, па по водството на гостите од Битола од 9:3 тренерот на домашните Иван Марковски побара тајм аут.
Корекциите во играта донесоа резултат и на полувреме Мулти Есенс намали на 13:17.
Во вториот дел гостите повторно го засилија темпото и во 42.та минута првпат поведоа со 10 разлика (26:16). Таа предност ја одржуваа до крајот на дуелот иако во неколку наврати беше и +11 (33:22).
Најдобар поединец на дуелот беше голманот на Е.Пелистер Марко Кизиќ со 17 одбрани, а Павле Петровиќ неговиот соиграч постигна 11 голови и беше најефикасен.
Во редовите на домашните по 5 голови постигнаа Давид Димески, Тодор Узунчев и Валентин Карасманакис.