13 октомври во далечната 1993 година со златни букви е впишан во историјата на македонскиот спорт.
Тоа е денот кога најдобрата фудбалска селекција на Македонија, го одигра првиот меѓународен натпревар како национална фудбалска селекција.
Крањ и нашиот тогашен ривал селекцијата на Словенија засекогаш ќе останат запишани во аналите на македонскиот фудбал и спорт воопшто.
Во тоа за нас историско попладне националниот тим на Македонија предводен од селекторот Андон Дончевски на гостински терен во Крањ со убедливи 4-1 ја декласираше репрезентацијата на Словенија.
Дуелот во Крањ влезе во историјата на македонскиот спорт како првиот официјален натпревар, признаен од светската и европската куќа на фудбалот ФИФА и УЕФА, на најдобрата фудбалска селекција на Македонија.
Во жолто црвениот дрес на Македонија на тој меч играа:
Дарко Панчев (капитен) Чедомир Јаневски, Драган Канатларовски, Илија Најдоски, Бобан Бабунски, Зоран Бошковски (стрелецот на првиот гол за Македонија,), Љупчо Марковски, Тони Мицевски, Зоран Мицевски, Кире Грозданов, Неџмедин Мемеди, Зоран Јованоски, Ванчо Мицевски, Горан Георгиевски, Лазо Липовски, Саше Милошевски.