Победа им е потребна на македонските ракометарки на стартот на квалификациите за Европското првенство.

Со неа, шансите за пласман на шампионатот драстично ќе бидат зголемени, смета нашата репрезентативка Сара Миновска.

Прв противник на македонските ракометарки во квалификациите е селекцијата на Азербејџан.

Миновска која игра на позицијата лево крило, смета дека позитивната енергија која владее во репрезентација е само предуслов за позитивниот резултат.

,,Имавме краток период за да се подготвиме за овој натпревар. Иако се само неколку тренинзи, верувам дека сме доволно спремни да дадеме отпор против репрезентацијата на Азербејџан. Ние се спремаме, правиме анализи, стратегии. Меѓутоа, имаме и нешто друго овој пат. На овој собир се чувствува премногу позитивна енергија, која ни внесува многу сигурност.

Сепак, се квалификации и самата желба за нив е навистина многу голема. Ако сите ние дадеме максимум и се покажеме секоја во свое најдобро светло, ние можеме и со Литванија.

Позитивната енергија и огромната желба се само дел од предусловите за добар резултат.

Потребен ни е клучниот играч – публиката. Ние дефинитивно ја имаме најдобрата навивачка публика, која секогаш е многу потребна и има посебна моќ за нас играчите”, изјави Миновска.

Натпреварот Македонија – Азербејџан е закажан со почеток од 18 часот во малата сала од СЦ Јане Сандански.

Инаку, македонските ракометарки за противнички во својата група ги имаат и селекциите на Литванија и Шпанија.

Во недела Македонија ќе ја одигра втората средба, на гости против репрезентацијата на Литванија во 15 часот.

Ивона Кимовска