Додека кошаркарските прволигашите веќе го одработија 1.коло од новата сезона, а викендов ќе се играат и дуелите од 2-то, од денеска официјално почнува сезоната за екипите во Втората лига.

Ако се земат в предвид оние „движења“ за време на преодниот рок, се чини дека екипата на МКК Куманово влегува најсериозен кандидат во трката за двете места кои водат во повисокиот ранг на натпреварување.

Кумановци направија сериозен исчекор во екипирање на ростерот, но што е уште поважно, успеаја да ги ангажираат Марин Докузовски, кој ќе го преводи тимот на патот кон Првата лига.

Носител на оние играчки активности дефинитивно ќе биде Марјан Јанески, најискусниот во новоформираниот тим на „вториот“ тим од Куманово, во кој ќе биде и братскиот тандем од Гостивар, Ренато и Роберто Димитриески, но и младите надежи како Лука Димитриевски, Филип Стојановски, Милош Јовановиќ, браќата Стошиќ, кои беа и се дел од екипата и во изминатите неколку сезони.

Првата проверка ќе ја имаат веќе вечерва (20.30 часот) во натпреварот потив екипата на Тетекс ТТК повратникот во друштвото на второлигашите.

Сосема добар ростер направи и екипата на Ангели. Со некогашни младински репрезентативци како Горазд Величковски, Теон Богатиновски, Павел Атанасов, Давид Трпески, Васил Јаневски, нешто поискусниот Михајло Арсоски, кои извесно, со поддршка од стручниот штаб, предводен од тренерот Игор Гацов, ќе има што да (по) кажат во сезоната пред нас.

Без многу промени во ростерот „помина“ летото и во Штип. Екипата на Соколи 1933 лани беше во игра за место во Првата лига до последен момент, но остана на позицијата веднаш зад оние први две. Па оваа сезона е нова прилика за „поправка“.

Сепак, основното мерило е теренот, па останува да провериме, да видиме кој ќе истрча прв до целта низ оние 22. кола во регуларниот дел, плус и доигрувањето кое ќе ги даде новите учесници во елитниот ранг на натпреварување.

ВТОРА ЛИГА – 1. КОЛО
петок
20.30 МКК КУМАНОВО – ТЕТЕКС
сабота
17.30 ВОДНО САНС – МАЏАРИ
18.30 МЗТ СКОПЈЕ У.Б. – СОКОЛИ
18.30 АНГЕЛИ – ШКУПИ
19.00 МЕГА БАСКЕТ – КУМАНОВО 2009
недела
17.00 РАБОТНИЧКИ – БОРЕЦ БАСКЕТ