Двете врзани победи во домашното првенство, полека ја враќаат самодовербата во редовите на македонскиот првак Еурофарм Пелистер.
Тоа меѓу останатото го напоменат тренерот Александар Јовиќ на денешната прес-конференција, а во пресрет на дуелот со Кил во Лигата на шампионите.
„Сите знаеме со каков противник треба да се судриме. Крајно време е нашата екипа да се покаже во поинакво светло и по натпреварот сите да бидеме задоволни од одиграното.
Со сигурност ви тврдам дека Еурофарм Пелистер ќе ги исполни сите цели за оваа сезона. Имаме комплетно нова екипа и ние треба време. За брзо време ќе се претставиме во најдоброто светло. Добро ќе се спремиме за Кил и ќе извадиме максимум од екипата.
Направивме анализа на натпреварите на Кил, преферираат модерен ракомет и динамична игра. Ќе се обидеме да наметнеме темпо кое нам ни одговара. Треба да играме трпеливо во напад и со тоа ќе спречиме нивна брза игра.
Еурофарм Пелистер само ќе расте, одигравме два натпревари од Суперлигата и тие добро ни дојдоа. Играчите почувствуваа и добра игра и победи и прашање на денови е кога ќе проработиме“, изјави Јовиќ.
Тоа ќе биде трет натпревар за Пелистер во елитното натпреварување и трет исклучително тежок противник. Првите две пречки Колстад и Алборг беа не премостлив.
Како ќе биде против Кил ќе видиме во среда за кога е закажан мечот во Битола.