денеска стартува новата сезона во мак-баскетот со натпреварите во Супер купот.
За трофејот во машка конкуренција ќе се борат МЗТ Скопје Аеродром и Феникс.
Тоа е реприза на финалето во Купот на Македонија, во кој триумфира МЗТ, а потоа ја освои и шампионската титула.
Затоа аеродромци и сега ја имаат фаворитската улога, а воедно се пред императив на освојување на пехарот.
„МЗТ Скопје Аеродром, нормално, ја прифаќа фаворитската улога. И секако ќе даде се да дојде до трофејот, кој ќе ни биде дополнителен мотив за остварување на целта во останатите натпреварувања што не очекуваат.
Суперкупот е специфичен натпревар, кој доаѓа непосредно пред официјалниот старт на сезоната и кој не секогаш го дава реалниот однос на силите помеѓу ривалите.
Поради ова и е толку интересен, а секако и многу важен“,
вели Васко Атанасов, тренерот на МЗТ.
Екипата на Феникс ќе се обиде да направи изненадување и да стигне до својот прв клупски трофеј.
„Искрено, Андреј Митревски не е спремен, во тимот имаме доста нови играчи, па не би знаел што можеме да очекуваме од овој натпревар. Изгледаме поинаку, ќе видиме како сето тоа ќе функционира.
Наше е да излеземе, да играме најдобро што можеме, а резултатот ќе го видиме на крајот.
Фаворитската улога му ја препуштам на МЗТ Скопје, екипа со најголем буџет во македонското првенство во сезоната која е пред нас“,
изјави Денис Дервишевиќ тренерот на Феникс.
Кој ќе се радува на трофејот во Супер купот ќе видиме по натпреварот што ќе се игра во СЦ „Кале“, а ќе почне до 19.30 часот.