Тимот на Џенова може да жали за пропуштената шанса за победа над актуелниот шампион Наполи. Џенова прокоцка предност од 2:0, за да на крајот со резултат 2:2 дојде само до бод.
Избраниците на Алберто Џилардино одиграа одлични 70 минути од натпреварот и имаа голема предност од два гола, но не издржаа до крај и освоија само бод.
Домаќините во 40-тата минута преку Бани дојдоа до предност од 1:0, предност со која заминаа на полувреме.
Наместо враќање на шампионот следуваше нов шок. Во вториот дел и тоа во 56-тата минута, кога Ретегуи го матираше Мерет за 2:0.
Сепак кога делуваше дека немаат игра и решение гостите од Наполи успеаја да се вратат преку Распадори во 76-тата минута, кој со прекрасен гол намали на 2:1.
Избраниците на Руди Гарсија тргнаа во целосна офанзива и истото се исплатеше кога во 84-тата минута резервистот Политано изедначи на 2:2.
Наполитанците се обидоа да дојдат и до целосен пресврт но Џенова го издржа последниот налет за конечни 2:2.
Нашиот репрезентативец Ељиф Елмас беше стартер на натпреварот и го одигра првото полувреме, за да потоа биде заменет од Политано.