Европската ракометна федерација (ЕХФ) денеска објави, дека Драган Начевски е суспендиран на две години од било каква функција во ракометот.

Ова по информацијата на скандинавската „ТВ2“ дека Начевски наводно бил вмешан во корупциски скандал.

Казната на Начевски првенствено се однесува на не пријавување за „не пристојната понуда“ од наводниот кинески бизнисмен, се вели во објавата на ЕХФ.

„Ракометниот суд на ЕХФ реши да го суспендира Начевски од вршење на какви било функции во рамките на ЕХФ и учество во какви било активности на ЕХФ на две години од датумот на одлуката.

Дополнително, Начевски ќе плати казна од 5.000 евра за прекршување на основните обврски наведени во Правилникот на ЕХФ и во Кодексот на однесување на ЕХФ.

Ракометниот суд одлучи да го подели случајот на два дела. Оваа одлука се однесува само на повреди во врска со непријавување.

Сè уште се во тек правните процедури и истраги за недостаток на интегритет и неправилности во обложувањето.

Во рок од седум дена може да се поднесе жалба до Апелациониот суд на ЕХФ.

Со оваа одлука, Ракометниот суд на ЕХФ го потврдува пристапот на ЕХФ на нулта толеранција кога станува збор за каков било вид наместени натпревари или несоодветно влијание врз резултатот од натпревар“.