Новиот ракометен шампионат стартува со денешниот дуел меѓу Скопје 2020 и Алкалоид. 16-те суперлигашки екипи се поделени во две групи исто како и минатата година (2 групи по 8 екипи), со тоа што по првиот дел и 14-те кола шампионатот ќе продолжи со две групи плеј оф (поквалитетните или четирите првопласирани од групите А и Б) и плеј аут (екипите кои ќе бидат пласирани од 5-8.место). Шампионската титула ја брани тимот на Еурофарм Пелистер.
Токму шампионот можеби е најголемата енигма на стартот од првенството, но не за натпреварите на домашната сцена туку за дуелите од Лигата на шампионите. Тренерот Александар Јовиќ има реконструиран состав, но амбициите барем за домашен терен се одбрана на титулата и освојување на Купот на Македонија, секако надополнето со натпревар во Лигата на шампионите. Колку побрзо се вклопат коцките на тимот толку подобро за големата армија навивачи на битолчани.
Второпласираниот од лани Алкалоид оваа сезона ќе ја има вистинската проверка на квалитетот. Ова од причина што „тимот во налет“ не е веќе млад, костурот е од македонски репрезентативци, а од оваа сезона надополнет со две странски засилувања. Ако лани играа само на „домашно тло“ оваа сезона барем во есенскиот дел имаат и евронастапи тоа значи и патувања и помалку денови за рекуперација и тренинзи меѓу натпревари. Но, амбициите на клубот предводен од тренерот Кирил Лазаров имаа амбиции секоја година да оди повисоко.
Вардар – екипа со најмногу енигми. Но, тие самите можеби најдобро го знаат својот квалитет. За разлика од Еурофарм Пелистер и Алкалоид ќе немаат евро обврски или веќе ги завршија со елиминацијата од квалификациите од Лига Европа (Рајн Некар). Но, веднаш потоа се кренаа и го освоија Супер купот со сигурен триумф над првакот Еурофарм Пелистер со 30:26. Тренерот Владо Недановски има неколку нови играчи пред се млади кои се желни за докажување и тоа може да биде голем плус за „црвено-црните“. Вардар секако ќе биде многу незгоден ривал особено против фаворитите и за во Куп натпреварите.
Во втората по ранг група се Тиквеш и Охрид, екипи со амбиции и пред со голема помош од општината од каде доаѓаат. Тоа се екипи кои ќе ги мачат фаворитите особено на домашен терен, но ќе треба да се мачат на гостувањата кај другите ривали.
Бутел и Пролет за оваа сезона ќе се потпираат на млади играчи со амбиции секако да бидат од пелј оф натпреварувањето, каде што свои планови имаат во пролетниот дел да се натпреваруваат и Мулти Есенс и Еурофарм Пелистер 2 (како втори екипи на Алкалоид и Еурофарм Пелистер).
Другите екипи ќе имаат за цел со повеќе бодови да влезат во плеј аут лигата што може да биде и решавачко околу конечниот опастанок.
16-те екипи се поделени во две групи: Струга, Охрид, Куманово, Аеродром, Тиквеш 2014, Еурофарм Пелистер 2, Скопје 2020, Алкалоид (А група); Пролет 62, Вардар Неготино, Прилеп, Бутел, Вардар 1961, Еурофарм Пелистер, Мулти Есенс и Голден Арт (Б група).
Во првото коло двојките се:
А група: Скопје 2020 – Алкалоид (петок 19 часот); Струга – Охрид, МРК Куманово – Аеродром (сабота 19), Тиквеш 2014 – Еурофарм Пелистер 2 (недела 18).
Б група: Мулти Есенс – Голден Арт (сабота 17:30 часот), Пролет 62 – Вардар Неготино (сабота 18:30), Прилеп – Бутел (недела 19). Дербито меѓу Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер се игра на 17.септември.