Актуелниот ракометен вицешампион Алкалоид со убедлива победа го ја почна новата сезона откако вечерва во првото коло од А групата го совлада тимот на Скопје 2020 со 40:21 (23:11).
Избраниците на тренерот Кирил Лазаров немаа тешка задача на стартот од првенството, а квалитетот на противникот му овозможи на тренерот да ја распореди минутажата на сите играчи.
Гостите пак додека имаа сили и свежина знаеја да направат и серија од неколку голови без да примат, но сепак јасно беше дека квалитетот беше на страна на фаворитот.
По стартното водство од 5:1, Скопје 2020 успеа да ја намали разликата на два гола 8:6 и 9:7, но по 11:8 следуваше првата серија на Алкалоид од 5-0 и по 20.та минута беше 16:8, а во 26.та минута и првата двоцифрена разлика 19:9.
По 5-1 на стартот од вториот дел Алкалоид првпат поведе и +15 (28:13). Сепак Скопје 2020 и во вториот дел имаше една серија од 3-0 и намали на 29:17, но само за кусо брзо беше +16 (33:17), а на крајот „сините“ стигнаа и до највисоките +19 – 40:21 што беше и конечен резултат.
Најефикасни на натпреварот беа Арно Бинго од Алкалоид (засилување) со 6 голови и Леонид Киселовски од Скопје 2020 со 6 голови и два промашен седмерци. Кај Алкалоид по 5 голови постигнаа и Михајло Младеновиќ, Мартин Серафимов, Дарко Кофилоски, Александар Петковски и Давид Савревски.
Голманите на Алкалоид Иван Галевски имаше 6 одбрани (втор дел) и Алехандро Ромеро 4 (прв дел), додека свои минути имаа и голманите на Скопје 2020 – Давид Стојкоски 5 одбрани и Благоја Огнановски 8 одбрани.