Со натпреварот помеѓу екипите на Струга Трим Лум и Тиквеш се комплетираше шестото коло во Првата македонска фудбалска лига.
Екипата на Струга ТЛ славеше со 3:1, резултат кој беше поставен уште во првиот дел. Актерите на теренот беа расположени за голови, но исто така и за црвени картони.
Во рок од три минути имаше возбудувања на двете страни.
Прво во 13-тата минута Ивановски не се снајде најдобро сам пред голот на Ќосевски, но не успеа да реализира. Казната стигна една минута подоцна, кога Радески со евро гол донсе предност за Струга ТЛ.
Помина само една минута, а веќе Спахиу имаше одлична прилика за израмнување, меѓутоа Кривањева од самата гол линија го спаси голот на домаќините.
На сцена настапи Бесарт Ибраими, кој прво од пенал биеше прецизно за 2:0, а потоа со глава во 31-вата минута со глава зголеми на 3:0.
Тиквеш не се предаде и со голот на Ибиши во 37-мата минута го намали резултатот на 3:1.
Капитенот Вареловски после еден невнимателен старт заработи втор жолт картон и Тиквеш остана со играч помалку.
Во вториот дел Малиќи во краток рок од две минути заработи два жолти картони и силите на теренот беа израмнети.
Се играше 63-тата минута кога судијата Бартон по втор пат покажа на белата точка, но обој пат искусниот Стојан Димовски го одбрани ударот на Ибраими.
Стружани ја имаа контролата на натпреварот, а најблиску до гол беше Радески во 66-тата минута, но повторно Димовски излезе како победник.
Словенечкиот интернационалец, Курез, се закани со удар од далечина во 75-тата минута, но неговиот удар заврши покрај голот на Ќосевски.
До крајот на натпреварот играчите на Струга рутински ја завршија својата работа и ја зачуваа предноста од два гола.