Селекторот на Македонија, Јошко Миленковски по натпреварот со Полска нагласи дека е чест да се игра на домашен терен против ваква селекција.

Поразот не треба да биде разочарување.

Миленковски најави дека на следните натпревари одиме на позитивен резултат, со кој би ја избегнале Италија во осминафиналето.

„Можеби сме во осминафиналисти, меѓутоа едно најцрно сценарио вели дека може и да извисиме.

 

Ние ќе одиме на победа до крајот на групите. Дојде момент кога треба да уживаме на турнирот. Ги добивме натпреварите кои моравме и сега ни преостанува да бркаме резултат. Веруваме во своите квалитети. Денес игравме против најдобрите на планетата.

Немавме решение за полските ѕвезди. Овој натпревар треба да се заборави, иако имавме и добри моменти. Ништо не е страшно да се загуби од селекција каква што е Полска. Релативно сме задоволни од одиграното.

 

Првата цел беше пласман во Бари. Кога веќе тоа го постигнавме, размислуваме и за нешто повеќе. Како четврти би оделе на светскиот шампион Италија, пред 10.000 навивачи. Ако ја избегнеме, можеби ќе играме со Германија или Србија, кои иако се сериозни репрезентации барем може да играме со нив.

 

Овој турнир е за уживање, круна на едно лето во кое макотрпно работевме. Јас се вратив за да бидам дел од Европско првенство со својата репрезентација, откако претходно бев со Турците.

 

Ретка можност е едно големо натпреварување да се игра како домаќин и ова е добра манифестација за целата одбојка“, изјави Миленковски.

Утре е слободен ден, а во вторник македонските одбојкари ќе играат против Холандија во терминот од 17 часот.