Во Првата македонска фудбалска лига денеска и утре се играат пет натпревари од 4-тото коло.
Дербито ќе се игра во скопската населба Маџари, каде ќе се сретнат големите ривали Вардар и Силекс.
Вардарци лошо, со три порази, ја започнаа сезоната. Имаа црвено-црните и промени во раководните структури. Васоски го наследи Грнчаров, а Хаџиевски дојде на местото на Захариевски. Колку овие промени ќе вродат со плод, неполни 24 часа по случувањата, останува да се види.
Силекс од друга страна игра променливо. Пораз, победа, нерешено, е ефектот на кратовци во трите одиграни натпревари. Тие ќе се обидат да го искористат периодот на „конфузија“ во таборот на црвено-црните и да стигнат до трите бода.
Во Тетово, Шкендија ја пречекува штипска Брегалница. Домаќините заедно со Брера Струмица се единствените кои досега имаат максимален ефект, па тетовци ќе се обидат да остане така и по дуелот со штипјани.
Во Ѓорче Петров кај Македонија гостува Шкупи, а новиот прволигаш Гостивар го пречекува Работнички во обид гостиварци да стигнат до првите бодови.
Сите натпревари започнуваат од 16.30 часот, термин во кој утре ќе се игра натпреварот во Струмица.
Поради настапот на шампионот Струга Трим Лум во плејофот за Конференциската лига „езерското“ дерби ќе се игра на 27 септември.
ФУДБАЛ – ПМФЛ – 4.КОЛО
среда од 16.30 часот
ВАРДАР – СИЛЕКС
ШКЕНДИЈА – БРЕГАЛНИЦА
МАКЕДОНИЈА ЃП – ШКУПИ
ГОСТИВАР – РАБОТНИЧКИ
четврток од 16.30 часот
БРЕРА СТРУМИЦА – ТИКВЕШ
закажана за 27 септември
ВОСКА СПОРТ – СТРУГА ТЛ