Италијанската фудбалска федерација и Лучијано Спалети постигнаа договор тој да го наследи Роберто Манчини на местото тренер на „аѕурите“, пишуваат во петокот италијанските медиуми.
Како што пренесува „Газета Дело Спорт“, Лучијано Спалети , ќе потпише тригодишен договор, до септември 2026 година.
„Газета дело спорт“ додава дека Спалети по неколку телефонски разговори му дал согласност на претседателот на ФИГЦ, Габриеле Гравина, со кого денеска ќе се сретне за да го финализира договорот.
По назначувањето, кое би можело да биде официјализирано во сабота, Спалети треба да ја одржи првата прес-конференција како тренер во понеделник, пренесува спортскиот весник.
По освојувањето на титулата во италијанската лига со Наполи во мај, 64-годишниот Спалети ја напушти функцијата во клубот. Сега ја презема репрезентацијата која и покрај европската титула во 2021 година не успеа да се пласира на Светското првенство во Катар во 2022 година.
Тој ќе има само неколку дена да се подготви за два клучни натпревари за „аѕурите“ доколку сакаат да се пласираат на ЕП 2024.
Дебито ќе го има против Македонија на 9 септември, во Скопје, по што следува дуелот со Украина во Милано три дена подоцна.