Викендов во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, се одржува Европскиот џудо-куп за јуниори и јуниорки.
Над 230 џудисти од 29 земји од светот ќе настапат на овој Куп, што прв пат е организиран во нашата земја во овој олимписки спорт.
Тој повод денеска се одржа и прес-конфедерација на Џудо федерацијата на Македонија (ЏФМ).
„Овој Европски куп за прв пат се одржува во Скопје и искрено се надевам дека во следните шест денови ќе бидеме добри домаќини и центар на џудото во Европа. До него стигнавме со долги преговори. Доколку добиеме позитивна оценка,, а верувам ќе биде така, тогаш и наредните години ќе бидеме домаќини на ова натпреварување“, изјави претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски.
Селекторот репрезентација Александар Фузевски најави дека на Европскиот куп ќе настапат вкупно 15 македонски џудисти, од кои деветмина се кадети.
„Ова и за нив и за нас ќе биде голем тест за тоа што можеме да очекуваме во иднина бидејќи станува збор за натпреварување од највисок ранг. Јас како селектор би бил презадоволен доколку нашите џудисти, меѓу кои неколкумина се во помала возрасна категорија, успеат да се вмешаат во борбата за медали, изјави селекторот Фузевски.
Инаку македонската џудо федерација, има поднесено и апликација за организација на Европското првенство за јуниори во 2025 година.
До тогаш, останува успешно да ја минат организацијата на овој шампионат.