Ви ја претставуваме Теодора Димитровска – тренерот на ЖФК Вардар
Вардаровата спортска „фамилија“ добива нов член на семејството. Формиран е женскиот фудбалски тим на Вардар.
Вардарки започнуваат со работа во првата половина на месец Август, а располагање имаме три терена. Едниот е на Цементара (стадионот на ФК Кул), вториот во Ново Лисиче и затворен терен за одреден тип на тренинзи и временски услуги. Исто така и теретана.
Во тек се уписите и за помладите категории, а според планот тимот ќе се натпреварува во Втората лига.
Тренер на екипата ќе биде Теодора Димитровска поранешна фудбалерка и дипломиран професор по физичко образование.
„До 2015 бев активна фудбалерка, но за жал поради спортска повреда морав да завршам со процесот на тренирање. Додека ми траеше оправдувањето размислував околу лиценцирањето за тренер и да почнам во тие води и шансата првично ја добив во Битола во фудбалскиот клуб Атлетико. Од тогаш до денес, но и понатаму со едукација и секаков вид на семинари се надградувам и продолжувам како тренер“, ни вели Теаодора.
Имајќи во предвид дека ќе се работи со млади генерации на девојчиња, одговорноста секако е голема, но тоа не е пречка за младата и амбициозна Теа.
„Да, одговорноста е навистина голема и тоа ме прави по одговорна и мене. Со самото тоа што сум дипломиран професор по физичко образование, пристапот со спортисти и деца е многу по професионален со оглед на моето искуство како наставник, како играч и како фудбалски тренер. Приоритет ми е да има позитивна енергија со која ќе можат да се надминат сите препреки и предизвици, да се работи на развивање на моториката кај фудбалерките и да се учи и надградува фудбалската игра. Да се гледа широко и со самото тоа да се постигнат заслужени успеси, а не само да се цели кон победа без да помислам на моите играчи кои се клучни за некаков успех“, вели Тодоровска.
Факт е дека женскиот фудбал во нашата земја е запоставен, но видливо е дека постојат и амбициозни луѓе кои сакат тоа да го сменат.
„Женскиот фудбал во Македонија е на многу ниско ниво, бидејќи има мал број на едуцирани тренери кои носат одговорност на големи екипи и самото тоа си носи одреден период на фудбалерките да се откажат, да се разочараат, да бидат незадоволни од пристапот на управата во клубот и јас секогаш сум против тоа. Сметам дека имаме доста квалитетни фудбалерки, но нивото на одржувањето на клубовите и финансиската поддршка од Фудбалската федерација е на малце ниско ниво“, потенцира младата тренерка.
Повеќе од јасно е дека станува збор за навистина амбициозна млада дама, која помогната од вардаровото спортско семејство има визија.
„Со формирањето на женскиот фудбалскиот клуб Вардар целта ми е да се формираат генерации и генерации кои ќе го претставуваат женскиот фудбал во државата. Има голем број на заинтересирани фудбалерки и заинтересирани родители за нивните ќеркички за да влезат во фудбалските води и тоа е клучно за опстојување на клубот кој го носи името на големиот Вардар“, заклучува Теа.
Нам само ни преостанува да им посакаме на овие млади и амбициозни луѓе, како и вардаровото спортско семејство многу успех.