Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски (втор носител на турнирот) успеа да се пласира во полуфиналето на фјучрс турнирот во Крамсах, Австрија што се игра за награден фонд од 25.000 долари. Ова за македонскиот тенисер е седмо полуфинале во 2023 година, а трето на турнири од овој ранг (првите четири беа на турнири од 15.000 долари). Во денешниот четвртфинален меч Ивановски победи уште еден австриски тенисер (и во првите две кола имаше победи над домашни тенисери).

Тој го совлада петтиот носител Сандро Коп (23. години, 411 АТП – најдобар ранг), кој е во одлична форма и беше победник на претходниот турнир во Тефлс. Во изедначен и неизвесен меч Калин Ивановски победи со 2-0 во сетови (76(4) и 64) за 2 часа и 18 минути игра.

Првиот сет почна со водство на Коп од 2:0, но брзо следуваше серија од четири гема на Ивановски за водство од 4:2. Австриецот сепак изедначи и до 6:6 немаше ниту еден брејк и сетот беше решен во тај брекот. Во првите седум поени тенисерите освојуваа поен на свој сервис и Коп водеше со 4:3, но потоа Ивановски откако поведе со 5:4 направи два „мини брејка“ и ја доби „13.та игра“ со 7:4 на поени за 1:0 во сетови.

Во вториот сет беше изедначено без брејк до 3:3. Во седмиот гем Ивановски успеа да направи брејк за водство до 4:3, иако ривалот водеше со 40/15. Предноста од брејкот на Калин му овозможи помирна завршница. Но, возбудливо беше во 10.гем на сервис на нашиот тенисер, откако противникот дојде до две брејк топки (15/40), кои Ивановски ги спаси и потоа ја реализираше првата меч топка.

Двајцата тенисери имаа по две двојни сервис грешки, Ивановски имаше 9 аса, наспроти 2 на Коп и брејк топки 3/9, а притоа успеа и да спаси девет брејк топки – Коп 2/11.  Утре во полуфиналето ќе игра со победникот од мечот Ламберт Руланд (Германија) и Матис Ерхар (4.носител, Франција).

За Ивановски денеска ќе следува и четвртфиналето во конкуренција на двојки каде со Елдин Хусеиновиќ ќе играат против Американците Николас Бибел и Џејми Вејнси.