На првиот ден од квалификациите од пливачките дисциплини на Светското првенство во спортови на вода настап имаа и двајца македонски пливачи.
Никола Ѓуретановиќ во дисциплината 400 метри слободно. Во рамките на втората група го освои 5.то место со време 4:07.87 минути што е за 77 стотинки послабо од неговиот најдобар резултат (4:07.10). Прв во неговата група беше Сауд Алшамрук од Кувајт со време 4:04.95, додека најдобро време во квалификациите постигна Самуел Шорт од Австралија – 3:42.44 минути. Ѓуретановиќ имаше 45.то време во конкуренција на 55 натпреварувачи во оваа дисциплина.
Во истата дисциплина (400 слободно), но кај жените настапи и Ева Петровска и таа во својата група го освои 5.то место или вкупно 35.то во конкуренција на 41 пливачка. Петровска постигна резултат – 4:24.92 минути. Најдобро време во нејзината група имаше Марија Викторија Игрес Котин од Венцуела – 4:15.79 минути, додека најдобар резултат во квалификациите имаше Американката Кејти Ледецки – 4:00.80 минути.
Ѓуретановиќ и Петровска ќе имаат уште по една трка на Светското првенство, додека Миа Блажевска Еминова и Андреј Стојановски ќе имаат по две трки. Проблем за македонските пливачи е секако кусиот период на аклиматизација и прилагодување на временската разлика особено што тие во петокот пристигнаа во Фукуока.
Денеска од 13 часот на програмата се финалните и полуфиналните трки.