Младинската кошаркарска репрезентација на Македонија У20 убедливо ја победи Бугарија со 83:54 во најважниот натпревар во нашата А група.
Ова воедно беше и решавачки натпревар кој директно одлучуваше кој ќе оди во следната четвртфинална фаза од ЕП.
Гостите подобро го започнаа мечот. Ја добија првата четвртина минимално, а на почетокот на вториот период, Стојаноски, со тројка донесе израмнување (18:18), кога Симиќ погоди од исто растојание, Македонија го презеде водството (21:18).
Во продолжение игравме само ние. Петков и Митревски отворија серија (7-0) за наше солидно водство со 32:25 во тој дел од играта во СРЦ „Кале“.
Потоа Митревски погоди за 34:26 на три и пол минути пред крајот на првото полувреме кое на крајот го добивме со 40:33.
Во второто полувреме нашите момци буквално „експлодираа“ и во одбраната и во нападот, се им одеше од рака.
Одличната одбрана на Македонија им дозволи само 19 коша на источниот сосед во второто полувреме, а на спротивната страна проработе и шутот за три поени, каде нашите надежи погодија вкупно 11 тројки.
На крајот висока и убедлива победа над Бугарија со што се израмнивме со Чешка на делба на второто место во групата.
Теодор Симиќ реализираше 21 поен, со 8 скока и три асистенции, Митревски заврши со 19, а Петков постигна уште 11 поени.
По три одиграни натпревари во групата „А“, Македонија има скор од две победи и еден пораз.
Еден пораз, засега, имаат и репрезентациите на Чешка и на Бугарија. Но, Бугарите го затворија своето учество во групата со ефект (3-1), додека Чешка (скор 2-1) во последниот круг од натпреварите ќе ги одмери силите со репрезентацијата на Словачка.
Со победа над Ирска, Македонија ќе биде првопласирана, а ако Чешка ја совлада Словачка, ќе биде вториот патник во друштвото на осумте најдобри на шампионатот во Скопје.
Натпреварот со Ирска се игра уште од 18.30 часот.