Екипата на Вардар го победи Тетекс со 3:0 во подготвителниот натпревар одигран вчера. Но, она што повторно го привлекува нашето внимание е шансата која на младите фудбалери им ја дава тренерот на црвено-црните Бобан Грнчаров.
Неретко Грнчаров и во текот на минатата сезона во Втората лига, им даваше шанса на вардаровите деца. Таа пракса стратегот на црвено-црните ја продолжува и во подготвителниот период за новата сезона, сега во прволигашкото друштво.
На вечерниот натпревар таква шанса доби и Лука Атанасовски кој има само 16 години, а го одигра првиот натпревар за сениорската екипа. На натпревар против Тетекс, Атанасовски помина 45.минути на теренот.
Инаку Лука е „дете“ на Вардар, поим за верност и љубов кон клубот. Од својата шеста година е дел од Вардар, а дојде моментот да настапи на пријателски натпревар за првиот тим.
Станува збор за репрезентативец на Македонија до 16 години, каде Лука е и капитен.