Работнички во пресрет на денешниот старт на подготовките се засили со уште едно ново име.
Крилниот напаѓач Петар Петковски е повторно дел од тимот на „романтичарите“. Тој потпиша договор на 18 месеци и ќе биде значајно засилување за составот на Милан Илиевски.
„Чест ми е што повторно ќе го носам дресот на Работнички. Се надевам дека ќе дадам полн придонес за остварување на целите на клубот во новата сезона“, изјави Петар Петковски.
Петковски од 2018 до 2021 година го носеше дресот на Работнички, а потоа замина во Романија.
Таму беше член на Ботошани и тимот на Конкордија, од каде повторно се враќа во Работнички. Кариерата ја почна во Вардар.