Тениската репрезентација на Македонија извојува победа од 2:1 против Сан Марино во дуелот за опсатнок во Третата Европска зона што се играше во Ларнака, Кипар. Со овој триумф нашите тенисери со две победи од 2:1 против Малта и Сан Марино и два пораза 3:0 од Молдавија и од Кипар го завршија настапот во годинашниов настап од Дејвис купот.
Решавачкиот поен во дубл го обезбедија Берк Бугариќ (19 години) и Амар Хусеиновиќ (16 години) кои ги победија со 2-0 во сетови (64 63) Марко Де Роси и Филипо Томесани. Мечот траеше 1 час и 14 минути.
Во првиот сет првиот брејк го направија нашите тенисери и Македонија поведе со 2:1 во гемови, во четвртиот гем на Бугариќ и Хусеиновиќ спасија две брејк топки во најдолгиот гем во првиот сет кога беа одиграни 12 поени. Предноста од брејк нашите тенисери ја сочуваа до крајот кога ја реализираа втората сет топка за 6:4 во гемови.
Во вториот сет сликата беше поинаква. Во првите четири гема имаше четири брејка и по 2:2 дублот на Сан Марино поведе со 3:2 на свој сервис откако имаа серија од девет поени во низа. Клучниот гем беше шестиот и повторно најдолг гем во сетот на сервис на македонските тенисери, кои спасија три брејк топки и по 12 поени во гемот изедначија на 3:3, а потоа ја продолжија низата со уште два брејка и запишаа четири гема вос ерија за конечни 6:3 искористувајќи третата меч топка.
Подобрата реализација на брејк топките и повеќето спасени брејк топки ја донесоа победата во двојки: Сан Марино 2/26 – Македонија 5/16.
Во другите два меча од денешната програма: Естонија ја победи Молдавија со 2:0, а Кипар – Црна Гора со 2:0.
Пласман во Втората Светска зона изборија Естонија, Молдавија и Кипар, додека од Трета Европска зона испаѓаат: Малта и Сан Марино, а Македонија и следната сезона ќе игра во Третата Европска зона.