уМакедонската фудбалска репрезентација испушти огромна шанса да запише позитивен резултат против Украина. Иако имaше 2:0 на полувреме, во второто му дозволи на противникот целосно да се врати и да слави со 2:3.
Се почна добро за нашата репрезентација. Имавме иницијатива, игра а и публиката беше на висина на задачата.
Во 30-тата минута по наш обид за удар кон голот, еден од противничките дефанзивци беше невнимателен и играше со рака, по што се огласи ВАР и судијата покажа на белата точка.
Мирен реализатор на ударот од 11 метри беше Енис Барди.
Македонија продолжи да игра добро. Само 8 минути подоцна Елиф Елмас со мајсторски удар од 20 метри донесе водство од 2:0, предност со која отидовме на полувреме.
Сликата на теренот целосно се смени во вториот дел, а нашата репрезентација беше непрепознатлива.
Украинците во 61-та минута намалија на 1:2, а само шест минути подоцна дојдоа до изедначување од 2:2.
Огромен проблем за нашата репрезентација беше црвениот картон на Муслиу во 73-тата минута. Противникот со играч повеќе тргна по целосен пресврт и успеа во тоа.
Во 83-тата минута Циганков по трет пат ја затресe мрежата на Димитриевски и донесе целосен пресврт од 2:3 што на крајот беше и конечен резултат.