Вечерва на стадионот ,,Тодор Проески” Македонската фудбалска репрезентација игра нов натпревар од циклусот квалификации за пласман на Европското првенство 2024-та година.
Избраниците на Благоја Милевски за противник ќе ја имаат силната Украина, стар должник на нашата репрезентација, ако се земе предвид дека Украинците нé победија на последните три меѓусебни натпревари, вклучувајќи го и натпреварот на Европското Првенство во Букурешт пред две години.
Доста работи се сменија од тој момент, во тимот го немаме Пандев, а на клупата имаме нов селектор, Благоја Милевски кој ќе се обиде да ја прекина негативната серија.
Нашиот тим вечерва ќе мора без услугите на веројатно најквалитетниот наш напаѓач, Бојан Миовски, кој поради повреда не е во комбинација за настап, но тука се пред се Дориан Бабунски и Милан Ристовски, кои имаа добар крај на сезоната, како и Илија Несторовски, човекот кој секогаш дава максимум во националниот дрес.
Во составот се и шампионот на Италија Ељиф Елмас, како и Енис Барди и Адеми, па се очекува максимален пристап и обид за позитивен резултат во Скопје.
Од другата страна пак, Украинците имаат свои адути и судејќи по имињата, со право го носат епитетот фаворити. Украина доаѓа со нов селектор, Руслан Ротан, но тоа не би требало многу да менува па гостите многу веројатно и на овој натпревар нема да отстапат од својата офанзивна игра. Најголема опасност по нашиот гол секако ќе биде скапото засилување на Челзи, Мудик, но Украина има уште неколку екстра квалитетни играчи кои може во секој момент да бидат опасност по голот на Столе Димитиревски. Мало олеснување за нашиот тим е тоа што првата ѕвезда на тимот, Олександр Зинченко е повреден и нема да биде во комбинација за вечерашниот натпревар.
Наша предност ќе биде домашниот терен, а се очекува преку 10.000 навивачи на арената ,,Тодор Проески”.
Натпреварот почнува во 20:45 а главен судија ќе биде Фандрих од Швајцарија.