Поминаа само три дена од завршувањето на сезоната во мак-баскетот, и додека сеуште се сублимира постигнатото, како „гром од ведро небо“ доаѓа денешниот став на клубовите прволигаши!

Кога Спорт+ пишуваше и предупредуваше дека, клупските и личните интереси се пред љубовта кон спортот, во случајот македонската кошарка, имаше и такви кои нé убедуваа дека не сме во право.

Но, дека многу добро (одлично) ги познаваме случувањата во македонскиот спорт (во случајов кошарката), најдобро говори денешната одлука на Здружението на кошаркарските прволигаши.

Од 12-те членови, на денешната работна средба не присуствувале претставници од вице-првакот Пелистер и сега веќе второлигашот Куманово.

Останатите 10 клубови се согласиле дека, бројот на странци во домашното првенство треба да биде зголемен, односно да се укине лимитот во првиот дел од првенството.

Во пракса, тоа би значело наместо досегашните двајца странци, клубовите би можеле да користат четворица на терен во исто време, во текот на целата сезона, а не како што тоа беше случај до сега само во плеј-офот.

Со образложение, дека планираат настапи на меѓународната сцена, шампиони МЗТ Скопје Аеродром и ТФТ Моцарт, побарале бројката на странци да изнесува петмина, а нај контроверзен е предлогот на челникот на Феникс, кој иако „нели се залага за македонски кошаркари“ излегол со став за шестмина (6) странци.

Според нашите информации, само Работнички и сега второлигашот Струмица биле против ваквата одлука, односно нивниот предлог бил, да останат 4 странци кои може играат во исто време.

Заклучокот, прволигашите ќе го достават до Управниот одбор на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) по што „челниците“ на федерацијата треба да решат, колку странци ќе може да бидат регистрирани и истовремено да играат во македонските клубови?

Ако бидат доследни до она што го говореа и чинеа во минатото (додека беа играчи), Претседателот на МКФ, Перо Антиќ и неговите „одборници“ без размислување МОРААТ ДА ЈА ОТФРЛАТ ваквата иницијатива.

Само така, Антиќ и нему блиските, ќе докажат дека, во минатото кога бевме сведоци на вакви и слични барања на клубовите, ова раководство на федерацијата останало на ставот дека на Македонија и се потребни македонски кошаркари, а не странци.

Тие (странците) доаѓаат, ги собираат парите (кој да, а кој не) кои државата ги дава преку така-наречениот „Спортски ваучер“ (или пак тие остануваат во приватни џебови), и си заминуваат.

А, ние! Ние, Македонците ќе се задоволуваме со победи над Луксембург, Лихтенштајн, Словачка, Данска, Норвешка, и ним слични „велесили“, па ќе бидеме „пресреќни“ што сме играме во квалификациите за пред-квалификации во квалификацискиот круг …. за некое првенство, молејќи Бога дека ФИБА ќе го смени системот, па да имаме шанса пак да заиграме во некои пред-пред-пред….квалификации.

Освен раководството на федерацијата (Управниот одбор), ја очекуваме и реакцијата на македонските кошаркари, особено по искусните, кои треба да застанат на страната на идните нивни колеги и достојно и децидно да кажа, НЕ, ДОСТА Е, СТОП!.

Колку за потсетување, пред само три дена, капитенот на МЗТ Скопје Аеродром, Дамјан Стојановски во својата изјави за МРТ, беше дециден и јасен, иднината на мак-баскетот сепак зависи од тоа, колку и дали воопшто ќе им се даде шанса на младите. Дамјан беше апсолутно во право (ВИДЕО од изјавата на Дамјан Стојановски).

„Господа“ кошаркарски „стручњаци“, престанете да ја закопувате уште подлабоко македонската кошарка и онака таа е веќе длабоко закопана.

Во спротивно, НЕКА И Е ВЕЧНА СЛАВА НА МАКЕДОНСКАТА КОШАРКА