Дербито на 37-то коло во Италија, помеѓу Јувентус и Милан заврши со минимална победа на Росонерите, а јунак на тимот на Стефано Пиоли, беше францускиот ветеран, Оливие Жиру.
Двата италијански великани се во лоша форма, а сето тоа се преслика и вечерва, па наместо фудбалски спектакл, гледавме блед натпревар, во кој на крајот подобро се снајдоа гостите од Милано и со минимална победа ја чекираа картата за Лигата на Шампионите.
Победничкиот погодок на натпреварот го постигна Оливие Жиру, кој во 37-та минута, на центршут од Калабрија, одлично реагираше со глава и го остави немоќен Војчех Шчесни.
Старата Дама и Макс Алегри се обидоа со неколку промени во вториот дел да дојдат барем до изедначување, но нападите делуваа бледо а Милан одлично се бранеше, за на крајот по втор пат оваа сезона да слави победа над големиот ривал.
Со оваа победа Милан дојде до 67 бода и се зацврсти на четвртата позиција, додека пак Јувентус остана на 59 и во последното коло ќе се бори за подобра позиција и пласман во Евро-куповите.