Младите ракометари на Алкалоид се најпријатното изненадување во штотуку завршената сезона во домашното, македонско првенство. Алкалоид кој сезонава дебитираше во најквалитетната конкуренција заврши веднаш зад новиот шампион Еурофарм Пелистер.
Избраниците на Кирил Лазаров успеаја да оствари победа над сега веќе екс-првакот Вардар во последното коло од плеј-офот со 25:21, и да потврдат дека и првиот триумф над црвено-црните не бил случаен.
Првото полувреме започна со неизвесен и израмнет резултат се до 15-тата минута. Двете екипи играа мотивирано и се бореа за секоја топка. Алкалоид со серија од 3-0 поведе со 12:9, а на полувреме замина со два гола позитива (12:10).
Втората половина, Вардар ги консолидира редовите и во 46-тата минута домашната екипа израмни на 18:18. Но, гостите не дозволија комплетен пресврт, па со серија 3-0 поведоа со 21:18. До крајот на натпреварот само ја зголемуваа разликата, за Алкалоид на крајот да оствари победа над Вардар со конечни 25:21.
Во редовите на Алкалоид најефикасен беше Мартин Серафимов со шест гола , а од поразената екипа Талески, Георгиески и Леонардо постигнаа по четири гола. За Филип Талевски тоа беше последниот натпревар во црвено-црниот дрес по што македонскиот репрезентативец ќе ја смени средината.
Така Алкалоид заврши како второ пласиран зад Еурофарм Пелистер, а пред Вардар и Тиквеш, со што тимот од Автокоманда обезбеди директен пласман во ЕХФ Европската лига.
Ивона Кимовска