Бараж натпреварот на кој ќе го добиеме последниот претставник во Првата македонска фудбалска лига за следната сезона, ќе се игра на градскиот стадион во Кавадарци, а силите ќе ги одмерат двете скопски екипи Вардар и Скопје.
Оваа сезона за екипата на Вардар беше доста тешка и долга. Во доста тешка ситуација, со многу долгови и без плата играчите успеаја да стигнат до третото место во Втора лига кое им го овозможи денешниот бараж. И покрај тешката ситуација Вардар до самиот крај беше во борба и за првите две места кои носеа директен пласман во Прва лига. На овој натпревар влегуваат со мала финансиска помош, благодарение на нивните верни навивачи Комитите.
Скопје оваа сезона ја започна доста турбулентно. Екипата беше составена на само неколку денови пред почетокот на сезоната. Со доаѓањето на Мирсад Јонуз, екипата застана на здрави нозе и успеа да се избори за позицијата која носи бараж за опстанок. Скопјани имаа среќа што после откажувањето на Ренова, тоа место остана празно во Првата лига, а тоа значеше дека само една екипа ќе испадне директно.
Натпреварот за прволигашки статус меѓу Вардар и Скопје ќе започне од 17 часот.
Филип Василевски