Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски успешно го стартуваше настапот на фјучрс турнирот во Куршумлијска Бања. Тој денеска во мечот од првото коло го совлада домашниот тенисер Виктор Јовиќ (Србија) со 2-1 во сетови (3:6; 6:3 и 6:4 по гемови).
Првиот сет како да беше загревање за нашиот тенисер, кој по 3:3 му дозволи на противникот да направи брејк и да го освои сетот со 6:3. Во следниот сет Ивановски на идентичен начин возврати и со 6:3 го доби сетот, со тоа што предноста ја направи кога поведе со 4:1 во гемови. Во решавачкиот сет повторно на стартот македонскиот тенисер направи брејк за 2:1 што се покажа како решавачко.
Три брејка од шест можности имаше Ивановски, додека Јовиќ имаше 2/5. Македонскиот тенисер имаше 11 ас сервиси. Во следното коло противник на Ивановски ќе му биде Тимо Лежу од Франција (6.ти носител), кој со 2-0 (6:2 и 7:6(7:4)) го победи Микалаи Халиак.
На турнирот за подоцна е предвиден и мечот на Горзад Србљак против Аргентинецот Хуан Пабло Паз, а потоа и мечот на Ивановски во двојки.
Турнирот се игра за награден фонд од 25.000 долари.