Македонскиот олимписки комитет (МОК) на редовното годишно Собрание одржано синоќа, во хотел „Лимак“, Претседателот Даниел Димевски го промовираше проектот „Златен денар за златен медал на македонските спортисти“.
На почетокот на Собранието, претседателот на МОК, М-р Даниел Димевски му врачи Златна плакета на МОК на Шабан Сејдиу, Олимписки великан, носител на два бронзени медали и учесник на 4 (четири) летни Олимписки игри. По овој свечен чин, се пријде кон избор на работните тела и се усвои записникот од минатото собрание, дневниот ред на Собранието како и извештаите за работа, финансискиот и ревизорскиот извештај, извештајот за финансиска контрола од УЈП и од страна на ИОК, како и извештаите од Комисиите.
Претседателот на МОК, М-р Даниел Димевски даде информација за новите партнери на МОК, а тоа се „Лимак Холдинг“ и шпанскиот производител на спортска опрема „Јома“, кои ќе ги поддржат најдобрите македонски спортисти кои ќе учествуват на Европските игри Краков 2023, зимските младински олимписки игри Гангвон 2024 како и летните Олимписки игри Париз 2024.
Претседателот Димевски даде информација и за блиската комуникација со претседателите на Меѓународните спортски федерации од кои е побарана помош за македонските Национални спортски федерации. На Собранието беше даден извештај за Европските игри Краков 2023, летните Олимписки игри ПАРИЗ 2024, за новата веб страна на МОК како и новиот проект на МОК, „ЗЛАТЕН ДЕНАР ЗА ЗЛАТЕН МЕДАЛ НА МАКЕДОНСКИТЕ СПОРТИСТИ“.
Во одбрана на Олимпизмот и спортот, Димевски истакна дека секогаш ќе ги брани интересите на МОК и на Националните спортски федерации како највисоки Олимписки и спортски невладини институции кои го водат македонскиот спорт, дека ќе ја брани тешката и макотрпна работа на МОК и на Националните спортски федерации и истите ќе ги штити од секакви бескрупулозни и лажни напади во однос на позитивните активности, како што е, пред се, ваучерскиот систем.
Националните спортски федерации, во еден глас, се заблагодарија на Димевски за неговата несебична помош кој тој лично ја дава во однос на финансиската и логистичка помош за развојот на македонскиот спорт и подобрување на спортските резултати на најдобрите македонски спортисти.
Имајќи во предвид дека следното Собрание е изборно, беа избрани и членови на Изборната кандидациона комисија на МОК.
Како нов член на Собранието на МОК, врз основа на замена, беше избран Кочо Димитровски, спортска и фудбалска легенда на македонскиот спорт, а како нов член на МОК е примена и Македонската Федерација за дигање тегови, како федерација чиј спорт е на листата на Олимписките игри Париз 2024 и е член на Меѓународната федерација за дигање тегови.
Со оваа едногласна одлука на Собранието на МОК како и претходните, беше завршена и работата на Националните спортски федерации и истакнатите врвни македонски спортски легенди кои со своето единство и одлучност за сплотеност испратија силен сигнал за заштита и уште понапорна работа на Олимпиското и спортското движење во нашата држава.