Екипата на ТФТ Моцарт е вториот патник во полуфиналето од плеј-офот на машката кошаркарска лига. Ова откако попладнево ТФТ ја доби мајсторката со Еуро Никел со 73-59 и со 2:1 во победи во своја полза ја реши четвртфиналната серија.

Во првото полувреме со мал број на поени, гостите од Кавадарци беа оние кои го контролираа темпото, а со тоа и резултатот па на пауза заминаа со +3 (29-25).

Во вториот дел домаќините „распалија“ со сите оружја па сосема заслужено стигнаа до триумф со 73-59.

Иако гостинскиот играч Плаиниќ имаше импресивен дабл-дабл со 31 поен и 15 скокови тоа не беше доволно кавадарчани уште еднаш да слават на гостински терен.

Костоски со 26 и Ташовски со 16 поени го предводеа ТФТ до победа и пласман во полуфиналето во кое ќе играат со подобриот од утрешниот дуел меѓу Пелистер и Феникс.

Утре својот противник во полуфиналето ќе го дознае и актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром, а тоа ќе биде победникот од натпреварот меѓу Гостивар и Работнички.