Машката сениорска ракометна репрезентација на Македонија попладнево ќе го одигра последниот натпревар во квалификациите за Европскиот шампионат што ќе се одржи следната година.
Црвено-жолтите веќе ја обезбедија „визата“ за во Германија, но во денешниот дуел со Турција најавуваат нова победа.
Без разлика што натпреварот и нема да има резултатско значење, сепак подмладениот состав на селекторот Кирил Лазаров сака да докаже, дека во оваа репрезентација има потенцијал, на кој може да се смета за идните големи натпреварувања.
Победата од 9 гола разлика на првиот меѓусебен дуел во овие квалификации, инаку пета во низа над Турците, секако ни дава за право дека и денеска нашите ракометарки ќе не израдуваат. Но, тоа ќе мора да се потврди со играта на теренот, бидејќи противникот пред неколку дена покажа „заби“ во дуелот со Португалија, која неприкосновено го освојува првото место во нашата група.
Мотивот за триумф секако нема да недостасува, особено ако се земе во предвид изјавата на Гоце Ѓеоргиевски кој посака со триумф и полна сака да се прости од репрезентативниот дрес. Имено, вечерашниот меч ќе биде последен за популарниот „Џомба“ за македонската репрезентација, па крилото на Вардар посака тоа да биде пред исполнета сала. Георгиевски тоа и го заслужува.
Затоа попладнево сите патишта ќе водат кон СЦ „Борис Трајковски“, каде ракометарите на Македонија ќе го играат натпреварот против Турција со почеток од 18 часот.