Екипите на Гостивар и Еуро Никел со победи ги започнаа четвртфиналните серии против Работнички и ТФТ Моцарт во плеј-офот на кошаркарскиот шампионат.
Гостиварци ја продолжуваат победничката низа на домашен терен.
Тие во првиот меч со Работнички, одигран пред своите симпатизери, го добија со 76-69 за водостои од 1:0 во победи. Иако гостите ја добија првата четвртина (24-25), сепак во следните две подобри беа гостиварци (17-12 и 20-14), па стекнатата предност од 10 поени на крајот на третиот период, односно највисоките 14 на стартот на последниот, беа доволна гаранција за избраниците на Малинков дека на крајот ќе излезат како победници.
Грузиецот, Корстана со дабл-даб од 25 поени и 14 скокови, заедно со македонскиот репрезентативец Ефремовски кој постигна 17 поени, а имаше и 6 скокови и 4 асистенции беа најзаслужни за оваа победа на гостиварци.
Во вториот натпревар одигран во Скопје, Еуро Никел направи „брејк“ во дуелот со ТФТ Моцарт за водство од 1:0 во победи.
До првиот овосезонски триумф во дуелите со ТФТ, кавадаречкиот тим стигна благодарение на подобрата игра во последниот период, па на крајот Еуро Никел заслужено славеше со 70-62.
Триото, Планиниќ со 19 поени и 12 скокови, Гавриловиќ кој постигна 16 поени и Балмазовиќ кој додаде 14, беа најзаслужни за оваа победа на гостите.
Реванш натпреварите во серијата прв до две победи ќе се играат во Скопје и Кавадарци, најверојатно во среда.
За утре закажани се првите дуели меѓу шампионот МЗТ Скопје Аеродром и Кожув, односно во Битола меѓу Пелистер и Феникс.