Екипата на Ѓорче Петров со тешка победа го доби дербито против Вардар и на две кола до крајот на првенството си ја обезбеди новата шампионска титула.
Во натпревар од шестото коло од женската Супер лига во плеј-офот, старо-новите шампиони славеа над Вардар со 26-25.
Натпреварот стартуваше со серија од 2-0 на Вардар. Гостите успеаја да намалат, но вардарки сепак не дозволија и поведоа со +3 (6-3), а во 20-тата минута Вардар ја имаше најголемата предност од +4 за 11-7. Но, Ѓорче успеа да ги консолидира редовите, и до полувремето да стигне до израмнување 15:15.
Второто полувреме започна со по еден гол на двете страни, по што Ѓорче со серија 3-0 поведе со 19-16. Но, сега вардарки не се откажаа израмнија на 22-22 во 48 минута.
Во последните 10 минути се играше извонредна игра со одлична реализација. Се играше гол за гол се до последниот момент. Во последната минута при водство на гостинките, Вардар не успеа да постигне гол, па така Ѓорче Петров оствари победа со конечни 26-25.
Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Ангела Јанкуловска со осум погодоци, а кај поразената екипа, водно и на натпреварот најефикасна беше Ивона Трпевска со единаесет гола, додека Сара Стефаноска постигна еден помалку (10).
Со оваа победа Ѓорче Петров на две кола до крајот има недостижни седум бодови предност во однос на второ пласираниот Чаир, па „лавиците“ може да ја прослават новата шампионска титула.
Ивона Кимовска