Екипата на Струга славеше триумф над актуелниот шампион Бадел со 62-52 во третиот натпревар од полуфиналето на плеј-офот со што ја намали предноста на баделки на 1:2 во победи и стружанки се изборија за нов натпревар.
Домашната екипа од самиот почеток најави дека е решена да победи па откако ја доби првата четвртина со 20:12, за на големата пауза меѓу двете полувремиња да заминат со +9 (33:24).
Во исто темпо избраничките на тренерот Владимир Ѓоровиќ продолжија и по одморот. Се стекнаа со уште поголема предност. На крајот на третиот дел водеа со +12 (47:35), кои се покажаа како доволни за освојување на првиот поен во серијата.
Најголем придонес во овој успех очекувано, даде Американката Ли, која постигна 22.поени. А ново добро издание заокружено со реализација на 13.поени имаше и Зендели. Шеќероска запиша осум, колку што имаше и Кукунешоска.
Кај екипата на Бадел 1862, која ја одигра под очекувањата, Марие беше стрелец на 18.поени, додека пак капитенот Лазаревска даде уште 14.
Следниот (четврти) натпревар повторно ќе се игра во Струга во текот на викендот, а терминот сеуште не е одреден.
Исходот од овој „двобиј“ го очекуваат кошаркарките на Баскет Кам кои со 3:0 во победи го елиминираа МЗТ Скопје Аеродром и се пласираа во финалето.