Машката ракометна репрезентација на Македонија вечерва го игра натпреварот од 5.коло од квалификациите за ЕП 2024 година. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров гостуваат кај селекцијата на Луксембург, која има четири порази и е без бод во рамки на групата 1. Со тоа Македонија и заради реномето во овој спорт ја има улогата на фаворит и победата се наметнува како императив и секако обврска за потврдување на пласман на уште едно Европско првенство.
За дуелот со Луксембург македонскиот селектор од повиканите играчи, во Скопје „ги остави“ голманот Мартин Томовски и Едвин Омерагиќ, додека во Луксембург треба да се приклучи голманот Никола Митревски. Од претходно поради повреди „отпаднаа“ Костадин Петров и Марко Стојковиќ.
Домаќинот Луксембург денешниот дуел ќе го игра со нов селектор Мајк Хачке, кој ќе биде на клупата на денешниот дуел и на гостувањето во Португалија во недела.
На првиот дуел во Скопје Македонија победи 38:24. Португалија е прва во групата и веќе е пласирана на ЕП, додека Македонија е втора со 4 бодови колку што има и Турција, а Луксембург е последен без бод. Во последното коло Македонија во Скопје игра против Турција (која двете победи ги против Луксембург).
Натпреварот во „Националниот спортски комплекс“ во Луксембург ќе го судат Емил и Ернест Агакиши од Азербејџан. Почетокот на натпреварот е во 20:45 часот.