Македонската сениорска ракометна репрезентација од вчера е собрана во Скопје, каде ќе одработи мини подготовки за последните два евро-класификациски натпревари со Луксембург и Турција.
Целта е јасна, победи и пласман на континенталниот шампионат следната година, вели повратникот во репрезентацијата Филип Талевски кој ги „прескокна“ претходните два натпревар со Португалија.
„Ако не си ја оствариме целта, не треба да сме тука. Сакаме да играме на ново Европско првенство. Ние сме фаворити, а тоа треба да го докажеме на теренот. Сега сум тука и подготвен сум да одговорам на барањата. Верувам дека противниците ќе се подготват подобро за нас во однос на првите средби, а ние мора да видиме каде ривалите се подобрени. Турција најавува враќање на искусни играчи, меѓутоа нашата сала секогаш е предност против било која репрезентација“,
изјави вардаровиот бек Талески.
Талевски не ја отфрли можноста за евентуален негов трансфер летово, но не откри ниту конкретни информации.
Ракометарите денеска ќе одработат два натпревари, а рано утре патуваат за Луксембург каде во среда го играат претпоследниот натпревар во квалификациската група.