Водечкиот тандем во ракометната Супер лига плеј оф Вардар и Еурофарм Пелистер сигурно чекорат во „тренинг“ натпреварите во пресрет на големото дерби кое се очекува на почетокот на мај, на кое ќе се решава титулата. Двата тима денеска во пладневните натпревари пред Велигден ги совладаа ривалите. Еурофарм Пелистер во „градското“ дерби го победи Еурофарм Пелистер 2 со 31:26 (15:13), додека Вардар забележа победа победа над Бутел на гости со 30:24 (18:14).
Во Битола „првиот тим“ на Еурофарм Пелистер очекувано запиша три бода, во дуел каде најефикасни беа Ненад Костески со 8 голови, додека кај поразените Павле Петровиќ постигна 7 голови.
Во скопската населба Бутел, првакот Вардар беше сигурен во дуелот од 10.коло. Триумфот беше навестен откако во 20.та минута „црвено-црните“ поведоа со 14:6, таа предност беше и највисока, но противникот успеваше да намали до три гола негатива (17:20). Најефикасен на натпреварот беше Јовица Младеновски од Бутел, кој постигна 7 голови.
Овој дуел може да донесе проблеми за „вардарци“ и за тренерот Владо Недановски во продолжението од првенството, особено што поради повреди двајца играчи важни во ротацијата, поради повреди го завршија натпреварот порано. Мишевски го повреди скочниот зглоб, кон средината на вториот дел, додека Чувара го повреди коленото во 58.та минута.
Вардар и Еурофарм Пелистер се на првите две места на табелата со по 30 бодови.