Трите најдобро рангирани екипи во Првата машка ракометна лига, Мулти Есенс, Аеродром и Драчево, забележаа победи во натпреварите од 3.коло.
Лидерот Мулти Есенс го продолжува победничкиот „танц“. На гостувањето кај Голден Арт во супер интересен натпревар забележа победа со 22-27. Навидум резултатот вели лесен триумф, но не беше така. Откако почетните минути им пропаднаа на гостите од Автокоманда, во продолжението Голден Арт беше оној што го контролираше резултатот, имаше и четири гола предност, а на полувреме замина со +3 (15-12).
Во вториот дел, домаќините ја одржуваа предноста се до 45-та минута, кога Мулти Есенс поведе со 19-18. Неколкуте мини серии без примен гол им донесоа и највисоки +6 (20-26), за на крајот да слават со кончени 27-22.
Покрај големата борба, дуелот поединечно го одбележаа, Немања Џигероски кој за Голден Арт постигна 11 и Димитар Узунчев кој за победничката екипа реализира 10 гола.
И ракометарот на Аеродром, Наум Костов имаше одличен настап, реализирајќи 11 гола во победата на својот тим со 31-29 над составот на Шампиони, додека трето пласираниот тим на табелата Драчево го победи составот на Младост со 27-23, натпревар на кој Радован Ашталкоски постигна 9 гола.
И по оваа рунда нема промени, барем што се однесува до трката за влез во суперлигашката конкуренција, па Мути Есенс е убедливо прв со 33 бодови, осум повеќе од Аеродром и Драчево, а Голден Арт како четврто пласиран заостанува дури седум бода зад двете екипи пред него.