Со победата од 4:1 над Саутемптон на гости, избраниците на Пеп Гвардиола сериозно му се приближија на лидерот на табелата Арсенал и ја направија неизвесна битката за титулата во Премиер лигата, особено што лидерот утре има тешко гостување на „Енфилд“ кај Ливерпул. Фудбалери на Манчестер Сити целосно го контролираа натпреварот со своите препознатливи кратки додавања и прецизни долги топки.
„Граѓаните“ поведоа во 45-та минута со 29-тиот овосезонски гол во Премиер лигата на Ерлинг Халанд. Заслугата за овој погодок му припадна и на Кевин де Брујн, кој „како со рака“ ја пронајде главата на Халанд во срцето на шестнаесетникот и ја запиша 100-тата асистенција во Премиер лигата.
За 2:0 за Манчестер Сити стрелаше Џек Грилиш, повторно по прекрасна асистенција на Де Брујн во 58-та минута од натпреварот.
На третиот погодок се чекаше само 10 минути, кога „гол-машината“ Ерлинг Халанд со прекрасни „ножички“ дојде до бројката од 30 постигнати погодоци во Премиер лигата.
Домаќините се понадеваа дека ќе се вратат во натпреварот по голот на Секу Мара во 72-та минута, но две минути подоцна Хулијан Алварез постигна гол од пенал за 1:4.
На девет кола пред крајот Манчестер Сити заостанува 5 бодови зад Арсенал. Саутемптон останува закован на дното на Премиерлигашката табела со само 23 освоени бодови.