Во најквалитетната европска клупска кошаркарска конкуренција, Евролигата, на програмата е претпоследната рунда во регуларниот дел од сезоната.
Двократниот шампион Анадолу Ефес и официјално се збогува и со теоретските шанси кои ги имаше пред оваа рунда, со пласман во плејофот, а со тоа и можноста да атакува на третата титула во низа.
На Ефес му пресуди најголемиот ривал, Фенербахче кој го декласира популарните „пиварци“ со 17 поени разлика 103-86.
Со тоа Ефес го претрпе и 17-тиот пораз, а по победата на Жалгирис во трилер мечот со Макаби 68-67, Анадолу заостанува две победи помалку, на коло до крајот, па европскиот првак ќе мора некому друг да го предаде шампионскиот трофеј.
Израелскиот шампион и покрај поразот им се приклучи на Олимпијакос, Реал, Барселона и Монако, како сигурни патници во разигрувањето за кое остануваат уште три слободни места, за кои во игра се четири тима, Фенербахче, Партизан, Жалгирис и Басконија.
Во најповолна ситуација е Фенербахче кој има победа повеќе од конкурентите, но и белградски Партизан кој утре на гостувањето кај Монако го игра својот меч од претпоследната рунда, а во последната на домашен терен го пречекува очајниот годинава Панатинаикос.