Додека женската сениорска ракометна репрезентација на Македонија се подготвува за претстојниот бараж двомеч со Украина, преку кој ќе се брка пласман на СП, на нашите терени се играат плејоф натпревари во одбојкарското и кошаркарското првенство.
Македонските ракометарки имаа голема шанса по подолг период да се најдат на завршницата на Светското првенство. Последна пречка е Украина, која според најавите од нашиот табор е на рамниште со нас.
Мотивот во црвено-жолтиот табор е на високо ниво, но дополнително зголемен со денешната одлука на УО на РФМ, кој реши да ги награди со 2,5 милиони денари доколку успее да се пласира на СП.
„ЕП беше големо искуство за нашите репрезентативки. Квалитет имаме, го покажавме тоа против Романија, но недостигаше радост на крајот. Како федерација не радува растот на младинските репрезентации и му благодариме на селекторот Савевски за ангажманот. Сега фокусот треба да биде на двомечот со Украина. Важно е да успееме да се пласираме на едно СП бидејќи тоа би било ветер во грб, младите ракометарки да добијат искуство од уште едно големо натпреварување и да се мотивираат за уште поголем прогрес на женскиот ракомет“, изјави Живко Мукаетов, претседателот на РФМ.
Првиот натпревар против Украина нашите ракометарки ќе го играат во сабота во СЦ Борис Трајковски со почеток од 19 часот, а влезот ќе биде слободен, со цел поголем број од македонската спортска јавност да им даде поддршка на црвено-жолтите.