Ракометарите на Алаклоид постигнаа голема победа откако вечерва на домашен терен го совладаа шампионот Вардар со 22:21 (13:10).
Минимална, но сосема заслужена победа на Алкалоид во дербито на 7.коло од Супер лигата плеј оф против Вардар, откако избраниците на тренерот Кирил Лазаров водеа во најголемиот дел од натпреварот и го направија она што не успеа Еурофарм Пелистер претходниот викенд да слави над шампионот. Ова за Вардар е прв пораз сезонава во домашното првенство.
По 2:2 на почетокот на дуелот Алкалоид имаше повеќе расположени играчи на почетокот и поведе со 5:2 и 8:4. Тренерот на Вардар Владо Недановски се обидуваше со тајм аути да ја врати екипата, но тешко му успеваше, па во 25.минута на семафорот беше 13:6 за Алкалоид или највисоки +7. Тоа како да ги разбуди „црвено-црните“ кои намалија и на полувреме беше 13:10.
Вториот дел почна во знакот на одбраните на двата тима и грешките во напад на Алакалоид. За одбележување е и повредата на Марко Митев во 32.минута, но до крајот на дуелот тој се врати во салата. Вардар за првпат изедначи на 15:15, но Алкалоид повторно со серија од 3-0 дојде до водство.
Неизвесноста продолжи и првакот повторно изедначи на 20:20, а по една контра Гоце Георгиевски донесе прво водство за Вардар 20:21 (56.минута). Во последните две минути имаше многу возбудливи ситуации, а Алакалоид со удар од седум метри преку Мартин Серафимов поведе со 22:21. „Ваардарци“ во последниот напад направија грешка и победата им припадна на домаќините.
Најдобар поединец на дуелот беше голманот на Алкалоид Благојче Трајкоски со 14 одбрани, додека најефикасни беа Серафимов кај Алкалоид и Дејан Манасков кај Вардар двајцата со по 7 голови.
На вториот натпревар одигран вечерва Пролет – Еурофарм Пелистер 2 25:26, со тоа што домашниот тим во последниот напад не реазираше за израмнување.
Утре играат: Охрид – Бутел и Тиквеш – Еурофарм Пелистер.
Табела: Вардар 21 бод (7 натпревари), Е.Пелистер 18 (6), Алкалоид 18 (7), Тиквеш 10 (6), Бутел 7 (6), Е. Пелистер 2 7 (7), Пролет 5 (7), Охрид 3 (6).