Напаѓачите имаа свој ден во италијанската Серија А. По натпреварот на Рома и Сасуоло на кој видовме дури седум погодоци, вечерва Јувентус и Сампдорија одиграа уште еден екстра ефикасен натпревар со шест погодоци во кој на крајот ,,Старата Дама” славеше со 4-2.

Јувентус ја имаше улогата на апсолутен фаворит против ,,фенерџијата” Сампдорија. Всушност така и делуваше на теренот. Најпрвин Бремер во 11-тата минута по одличното нафрлување на Костиќ го отвори резултатот. Веќе во 26-тата минута домаќините имаа 2-0, кога Мирети центрираше а Адриан Рабио го совлада противничкиот голман.

Се делуваше дека ќе гледаме натпревар во една насока, но работите се сменија во 31-та минута. Одбиена топка во шенсаестникот на Јувентус ја искористи Аугело за да намали на 2-1. Само 80 секунди подоцна, Сампдорија режираше контра како од фудбалските учебници а Филип Џуричиќ ја замолкна ,,Јувентус Арената” израмнувајќи на 2-2.

Макс Алегри во вториот дел влезе со две значителни промени и далеку поафанзивен тим, откако на местото на бонучи влезе Квадрадо, а шанса за настап доби и Локатели на местото на младиот Аргентиенц, Баренешеа.
Јувентус притискаше а обрачот околу голот на младиот Словенец, Турк се стеснуваше. Адриан Рабио во 64-тата минута како врвен голгетер по втор пат се запиша во листата стрелци за предност од 3-2.
Само пет минути подоцна, Душан Влаховиќ имаше голема прилика со удар од белата точка да зголеми на 4-2, но Србинот шутираше само во стативата па резултатот остана непорменет.
Јувентус имаше целосна контрола на натперварот а Сампдорија само повремено преку контра-напади се обидуваше да се закани.
Конечниот резултат го постави младиот Аргентинец Матијас Суле со својот прв гол во кариерата во Серија А, кога во 94-тата минута по ударот на Влаховиќ кој заврши во пречката, ја дочека одбиената топка и со удар со глава го совлада Турк, за конечни 4-2.

Јувентус се врати на победите и сега со 38 бода е се поблиску до евро-зоната, додека пак Сампдорија, продолжи да тоне, а со 12 бода е на делба на последната позиција на табелта, со дури 12 бода помалку во однос на Специја, која е прва надвор од зоната за испаѓање.