Ново четвртфинале за македонскиот тенисер Калин Ивановски оваа година. Тој денеска во меч од 2.коло на фјучрсот во Кретеј, Франција (сала) го победи Естонецот Данил Глинка со 2-1 во сетови (3:6, 7:6 (7:5) и 6:1 во гемови). За триумфот на нашиот тенисер му беа потребни 2 часа и 18 минути.
Слично како и во мечот од првото коло (вчера) Ивановски му дозволи на противникот да го освои првиот сет со 6:3 во гемови. Притоа Естонецот ги искористи двете брејк топки во сетови и по 3:3 дојде до 6:3. Во вториот сет Ивановски не почна најдобро и Глинка водеше со 5:1 во гемови и му требаше само еден гем за да го доби мечот, но во следните 22 поена нашиот тенисер освои 17 и стигна до 5:5, а потоа и 6:6 со што сетот се решаваше во тај брек. Во „13.та игра“ Ивановски постојано имаше контрола над резултатот и тај брекот го доби со 7:5 на поени и изедначи на 1:1 во сетови.
Во решавачкиот сет нашиот тенисер буквално го „скрши“ отпорот на ривалот и сетот го доби со 6:1 во гемови.
Мечот беше буквално изедначен статистички: по 6 ас сервиси за двајцата, по 5 двојни сервис грешки, по 4 брејка Ивановски од 10 обиди, а Глинка од 7, а во вкупниот број поени беше 93:84 за Ивановски.
Утре во четвртфиналето Ивановски ќе игра со победникот од мечот меѓу Французинот Тристан Ламасин и Шпанецот Давид Жорда Санчиз.