Македонската тенисерка Лина Ѓорческа го загуби четвртфиналето на фјучрсот во Астана (награден фонд 40.000 долари).
Подобра од неа беше руската тенисерка Анастасија Тихонова (22 години, 179 место на ВТА) која мечот го доби со 2-0 во сетови (6:3 и 7:5). Ѓорческа во вториот сет испушти шанса да изедначи бидејќи водеше со 5:2.
Првиот сет почна со изедначена игра каде нашата тенисерка имаше предност и водеше со 1:0; 2:1 и 3:2, но откако Тихонова изедначи на 3:3 ја продолжи серијата од освојување гемови и со четири во низа го доби сетот со 6:3. И во вториот сет до средината Ѓорческа имаше предност, со тоа што сега водеше со 5:2 и беше на чекор до изедначување.
Но, потоа повторно следуваше пад во играта и противничката направи целосен пресврт и го доби сетот со 7:5 правејќи серија од 5-0. По 5:2 во гемови, Тихонова освои 20 поени , наспроти скромните 6 за Ѓорческа.
Нашата тенисерка за пласманот во четвртфиналето ќе освои 13 поени, а воедно е пријавена за настап и на следниот турнир во Астана кој се одржува следната недела и се игра за награден фонд од 60.000 долари.